И, ете така, Господарот твој тебе ќе те одбере, и за толкување на соништата ќе те научи, и благодатта Своја кон тебе и Јакубовото семејство ќе ја надополни, како што претходно ја надополни на предците твои, на Ибрахим и на Исхак. Господарот твој, навистина, е Мудар
Еден од нив рече: „Ако навистина сакате нешто да сторите, тогаш не го убивајте Јусуф, туку фрлете го на дното на некој бунар, ќе го земе некој караван.“
И кога го однесоа и одлучија да го фрлат на дното на бунарот, Ние му објавивме: „Ти за оваа постапка нивна ќе ги известиш, а тие нема да те препознаат.“
„О, татко наш,“ – рекоа - „заминавме да се натпреваруваме, а Јусуф го оставивме кај нашите работи, па го изеде волк. А ти нема да ни веруваш, иако вистината ти ја говориме.“
И ја донесоа кошулата негова, со лажна крв натопена. „Во вашите души изникна злобна мисла,“ - рече тој - „и јас нема да се жалам, барам помош од Аллах против ова што вие го изнесувате.“
И дојде еден караван, па го испратија водоносецот свој и тој ја спушти кофата своја. „Види среќа!“ - викна тој - „еве едно момче!“ И тие како трговска стока го скрија, а Аллах добро го знаеше тоа што го направија
И потоа тој од Египет, што го купи, ѝ кажа на жената своја: „Направи му го престојот пријатен! Може корисен да ни биде, а можеме и да го посиниме!“ И ете така Ние на Јусуф му дадовме убаво место на Земјата и го научивме да толкува соништа, а Аллах прави што сака, но повеќето луѓе не знаат
И почна да го наведува на грев таа во чија куќа беше тој, па ги заклучи сите врати и рече: „Пријди!“ „Аллах да ме сочува!“ - извика тој -„Газдата мој убаво се грижи за мене; а тие кои доброто ќе го возвратат со зло никогаш нема да успеат.“
И таа го посакуваше него, а и тој ќе ја посакаше неа доколку од Господарот свој јасен знак не виде – така беше, за да ги одвратиме од него злото и блудот, бидејќи тој навистина беше Наш искрен роб
И двајцата потрчаа кон вратата, а таа ја искина кошулата негова одназад, и мажот нејзин кај вратата го затекнаа. „Каква казна заслужува тој што сакаше на твојата жена зло да ѝ направи,“ – рече таа - „или зандана или болна казна?“
„Таа се обиде мене да ме наведе на грев.“ - рече Јусуф. „Ако кошулата негова е искината од предната страна, тогаш таа ја говори вистината, а тој невистината,“ – посведочи еден човек од нејзиното семејство
И кога таа слушна за нивното озборување, ги повика, па им подготви гозба, на секоја од нив ѝ даде нож и рече: „Излези пред нeго!“ А кога тие го погледаа, се восхитија на неговата убавина и по рацете свои се исекоа: „Боже, Боже!“ - извикнаа - „Ова не е човек, ова е благороден мелек.“
„Е ова ви е тој поради кого ме прекорувавте.“ – рече таа - „Вистина е дека сакав да го наведам на грев, но тој ме одби. Ако не го направи тоа што го барам од него, сигурно ќе биде фрлен во зандана и понижен.“
„Господару мој,“ - изговори тој - „помил ми е затворот од тоа кон што тие ме наведуваат! И ако Ти не ги одвратиш од мене интригите нивни, јас можам кон нив наклоност да почувствувам и незналец да станам.“
Со него во зандана влегоа уште две момчиња. „Јас сонував дека цедам грозје.“ – рече еден од нив. „А јас, пак,“ - кажа другиот - „дека на главата носам леб кој птиците го колваат. Протолкувај ни го тоа, бидејќи гледаме дека си навистина добар човек.“
„Ниту еден оброк со храна нема да ви биде донесен, а јас претходно да не ви кажам што ќе добиете.“ - рече Јусуф. „Тоа е само дел од тоа што ме научи Господарот мој, јас се чувам од верата на народот кој не верува во Аллах и кој не го признава оној свет
и ја исповедам верата на предците свои, Ибрахим, Исхак и Јакуб; на нас не ни доликува на Аллах да Му припишуваме здруженик. Тоа е милоста на Аллах кон нас и кон останатите луѓе, но повеќето луѓе не се благодарни
Тие кои наместо Него ги обожувате се само имиња кои сте им ги дале вие и предците ваши, Аллах за нив никаков доказ не објавил. Судот Му припаѓа само на Аллах, а Тој наредил само Него да Го обожувате. Тоа е единствената исправна вера, но повеќето луѓе не знаат
О, другари мои од занданава, едниот од вас господарот свој со вино ќего пои, а другиот ќе биде распнат, па птиците главата ќе му ја колваат. Тоа за што прашавте е веќе одредено.“
А на тој, од тие двајцата, за кого знаеше дека ќе биде спасен, му рече: „Спомни ме кај господарот твој!“ - но шејтанот направи тој да заборави да го спомне кај господарот свој, и Јусуф останавозанданите неколку години
И владетелот рече: „Сонував како седум слаби крави изедоа седум дебели, и сонував седум класја зелени и седум други, исушени. О, великани, протолкувајте ми го сонот мој, ако знаете да толкувате соништа!“
Јусуфе, о, искрен, протолкувај ни што значи: седум слаби крави изедоа седум дебели, и седум класја зелени и седум други, исушени, - па да се вратам кај луѓето за да дознаат.“
затоа што потоа ќе дојдат седум тешки (години) кои ќе го изедат тоа што за нив сте го подготвиле, ќе остане само малку од тоа што за сеење ќе го сочувате
И владетелот рече: „Донесете ми го!“ И кога на Јусуф му дојде гласникот, тој рече: „Врати се кај владетелот твој и запрашај го: Што е со жените кои си ги исекоа рацете? Сопственикот мој добро ги знае интригите нивни!“
„Што точно се случило кога Јусуф сте го навеле на грев?“ - запраша владетелот. „Бог да чува!“ - рекоа тие - „Ние за него ништо лошо не знаеме!“ „Сега вистината ќе излезе на виделина,“ - рече жената на управителот - „јас го наведував на грев, а тој вистината ја говореше
Јас не се правдам себеси, та душата е склона кон злото, освен таа на која Господарот мој ќе ѝ се смилува. Господарот мој навистина простува и Семилосен е.“
И владетелот рече: „Донесете ми го, ќе го земам во мојата свита“, и откако поразговара со него, му рече: „Ти од денес кај нас влијателен и доверлив ќе бидеш.“
И така Ние на Јусуф му дадовме власт во земјата, престојуваше таму каде што сакаше; милоста наша Ние му ја даваме на тој што сакаме и не дозволуваме да пропадне наградата за тие што прават добри дела
И кога ги снабди со потребната храна, рече: „Донесете ми го вашиот брат по татко. Зарем не гледате дека полна мерка давам и дека гостите најдобро ги примам
А Јусуф им рече на момчињата свои: „Ставете ги нивните работи во товарите нивни, па тие, кога ќе се вратат кај своите, ќе ги препознаат и пак ќе се вратат.“
И откако му се вратија на својот татко, рекоа: „О, татко наш, повеќе храна нема да ни даваат. Затоа испрати го со нас братот наш за да добиеме храна, а ние навистина ќе го чуваме.“
„Зарем да ви го доверам како што претходно ви го доверив братот негов?“ – рече тој. „Но Аллах е Најдобриот чувар и Тој е Најмилостивиот од милостивите!“
А кога ги отворија товарите свои и видоа дека им се вратени работите нивни, рекоа: „О, татко наш, што можеме повеќе да посакаме? Еве, вратени ни се работите наши, и со храна семејството наше ќе го снабдиме, и братот наш ќе го чуваме, а и еден камилин товар храна повеќе ќе добиеме; тоа е незначаен товар.“
„Јас нема да го испратам со вас,“ – рече - „додека цврсто не ми се заколнете во Аллах дека навистина ќе ми го вратите, освен ако не настрадате.“ И отакако тие му се заколнаа, тој рече: „Аллах е сведок за тоа што се договоривме!“
„О, синови мои,“ – рече тогаш - „не влегувајте на една порта, туку на различни порти, а јас не можам да ве спасам од тоа што Аллах ви го одредил; власта Му припаѓа само Нему, јас во Него имам доверба, и само во Него нека имаат доверба тие што се доверуваат.“
И кога влегоа така како што нивниот татко им нареди, тоа ни малку не им помогна за да бидат поштедени од тоа што Аллах веќе им го одредил, само се оставри желбата на Јакуб, која ја изврши, а тој навистина беше голем зналец, затоа што Ние го научивме, но повеќето луѓе не знаат
И откако ги снабди со потребната храна, стави една чаша во товарот на братот свој, а потоа еден гласник почна да вика: „О, караване, вие сте навистина крадци!“
И тој започна со вреќите нивни, пред вреќата на братот свој, а потоа ја извади чашата од вреќата на својот брат. Ние го подучивме Јусуф така да ја изведе измамата. Тој според законот на владетелот не можеше да го земе својот брат како роб, но можеше со дозвола од Аллах. Ние го воздигнуваме тој кого Ние сакаме, а над секој зналец е Сезнајниот
„Ако украл,“ – рекоа тие - „па и претходно братот негов крадеше!“ И Јусуф не им рече ништо. „Вие сте во полоша положба,“ - си помисли во себе - „Аллах добро знае како беше тоа за што зборувате.“
И кога изгубија секаква надеж, се одвоија настрана за да се посоветуваат. „Зарем не знаете,“ - рече најстариот меѓу нив - „дека на својот татко му се заколнавте во Аллах, а и претходно Јусуф го упропастивте? Нема да ја напуштам оваа земја додека тоа мојот татко не ми го дозволи или додека Аллах во моја корист не пресуди, а Тој е најдобриот Судија
Вратете му се на својот татко и кажете му: ,О, татко наш, синот твој украде; ние го тврдиме само тоа што го видовме, а ние не можевме да се сочуваме од тоа што беше судено
„Не е така,“ – рече Јакуб - „во вашите души изникна злобна мисла, и јас нема да се жалам, се надевам дека Аллах сè ќе ми врати; навистина, Тој знае сè и Мудар е.“
„О, синови мои, одете и распрашајте се за Јусуф и за братот негов, и не губете надеж во Аллаховата милост; надежта во Аллаховата милост ја губи само народот невернички.“
И кога тие влегоа кај него, рекоа: „О, управителу, нас и семејствата наши нè снајде неволја; донесовме мало количество вредни работи, но ти дај ни полна мерка и додели ни милостина, затоа што Аллах навистина ги наградува тие што даваат милостина.“
„А ти да не си Јусуф?“ - повикаа тие. „Да, јас сум Јусуф, а ова е братот мој, Аллах ни ја подари милоста; кој ќе се плаши од Аллах и кој ќе биде трпелив – па, Аллах навистина нема да допушти да пропадне наградата на тие што прават добри дела.“
И кога карванот го напушти Египет, неговиот татко рече: „Јас навистина го чувствувам мирисот на Јусуф, само немојте да кажете дека сум станал сенилен.“
„А кога гласникот на радосни вести дојде, тој ја стави кошулата на лицето негово и тој прогледа. „Зарем не ви реков,“ - рече - „дека јас го знам од Аллах тоа што вие не го знаете?“
И тој родителите свои ги стави на престолот и сите му се поклонија, па тој рече: „О, татко мој, ова е остварување на мојот некогашен сон. Господарот мој гоисполни. Аллах беше добар конмене когаме извади од занданата и вас од пустината ве донесе, откако шејтанот помеѓу мене и браќата мои раздор посеа. Господарот мој е милостив кон кого Тој сака, и Тој знае сè и Мудар е
Господару мој, Ти ми даде дел од власта и ме научи да толкувам соништа! О, Создателу на небесата и на Земјата, Ти си Заштитникот мој и на овој и на оној свет; дај да умрам како муслиман и придружи ме со тие што се добри!“
Зарем можат да бидат сигурни дека неволја, како казна од Аллах, нема да ги стигне или дека Часот суден нема да ги изненади, а тие тоа да не го ни забележат
Кажи: „Ова е мојот пат, јас повикувам кон Аллах имајќи јасни докази, јас и секој што ме следи, и нека е Возвишен Аллах, јас не Му припишувам здруженик.“
А Ние и пред тебе само мажи праќавме, граѓани на кои објавите им ги објавувавме. Зарем овие не патуваат по светот, па не гледаат како завршиле тие пред нив - а оној свет е навистина подобар за тие што ќе се плашат од Аллах – зарем нема да се опаметите
А кога Пратениците за малку ќе ја изгубеа надежта и ќе помислеа дека ќе ги прогласат за лажливци, Нашата помош ќе им дојдеше. Ние ќе ги спасевме тие што сакавме, а казната Наша не го одминуваше злосторничкиот народ
Во кажувањата за нив има поука за тие што се обдарени со разум. Куранот не е измислена приказна, тој ги признава Книгите кои се објавени пред него, и објаснува сè, и патоказ и милост е за народот што верува